Белорусинката Дијана Илина нов играч на Вардар

На почетокот на подготовките за новата натпреварувачка сезона во Вардар ќе се приклучи и средниот бек Дијана Илина од Белорусија. Таа треба да остане во нашиот тим во следните три сезони, и ќе биде петтата нова ракометарка во нашите редови.

Илина има 20 години и е репрезентативка на Белорусија од својата 17 година. Доаѓа од екипата на првакот на таа земја Гомељ и сезоната ја заврши со титула во Белорусија и во Балтичката регионална лига. Има интернационална кариера со тимот на Астраханочка во Русија, каде настапуваше во есенскиот дел од ланската сезона. Потоа се врати во Гомељ.

Во сезоната 2014/2015 за Астраханочка даде и 13 гол во ЕХФ купот. Тогаш го освои и третото место во првенството на Русија. Две сезони, од 2012 до 2014 играше во Гомељ, Белорусија по што следеше трансфер во Астраханочка. Од 2013 година настапува и за сениорската репрезентација на Белорусија.

„Со трансферот во Вардар сакам да преминам на нов стил во играта. За ваква понуда и трансфер, да бидеш во друштво на вакви играчи како што сега има Вардар е сон на секого. Многу сум среќна поради ваквата промена во мојата кариера. Очекувам многу добри работи во иднина во мојата игра и развој како играч. Сакам да преминам на повисоко ниво и да го почувствувам овој квалитет на играта. Ќе се трудам да дадам максимум во сето тоа, изјави Илина.

Ракометарките во некомплетен состав ќе ги почната подготовките за новата сезона, бидејќи шест наши членови се со своите репрезентации на Летните олимписки игри во Бразил. Тие ќе се приклучат на екипата дури по завршувањето на Олимпијадата, после 21 август. Дотогаш екипата ќе ги направи базичните подготовки во Словенија, и ќе учествуваат на меѓународен турнир „Винко Кандија" во Љубљана на 19 и 20 август.

На турнирот во Љубљана ќе учествуваат домаќинот Крим Меркатор, Хипо и Подравка. Се игра по систем „секој со секого". По завршување на турнирот ракометарките ќе се вратат во Скопје.

За новата сезона Вардар се засили и со четири други ракометарки, крилата Камила Херем и Тамара Мавсар, голманот Мајса Песоа и десниот бек Александра Лакрабере.

 

вторник, 2 август 2016 - 11:30