Астраханочка доби „лекција“, а вардарки се пласираа во Главната фаза на ЛШ

Вардар се пласираше во следната фаза од лигата на шампионите, откако со 39-25 ја победи Астраханочка во 4 коло од Б групата на ЛШ. До крајот на групната фаза остануваат да се одиграат уште две кола, во гости кај ФТЦ и Лајпциг.

Нашите ракометарки ја остварија 32 победа во лигата на шампионите, трета во низа. Новиот тренер Давид Дејвис „тргна" со убедлива игра, и висока победа покажувајќи дека во тимот има уште многу сила која чека да „експлодира". Во СЦ „Јане Сандански" сега на расположените ракометарки налета рускиот првак Астраханочка, кои по вторпат за една седмица мораа да признаат дека Вардар е класа.

На две кола до крај на мечевите од Б групата, Вардар веќе и теоретски обезбеди место во следната фаза. Сега ќе очекуваме да видиме кои се другите две екипи што ќе играат со нас во следната фаза. Бодовите од тие натпревари ќе ги пренесеме во следниот круг.

* Изјави од прес конференција

По пауза поради операција во тимот се врати и Андреа Лекиќ. Влезе во игра при резултат 15-9 во 24 минута. До крајот на првото полувреме нашиот среден бек постигна и два гола, а доби шанса да игра и во второто полувреме. Разновидноста во играта овојпат беше очигледна, голови постигнаа сите ракометарки што добија шанса да играат, па дури и голманката Амандин Лејно.

* Фото галерија од натпреварот

Од самот почеток на натпреварот покажавме дека единствено размислуваме само за триумф. Поведовме со 2-0, а Мајса Песоа имаше и три интервенции во првите пет минути. Гостинските од Русија дури во 5 минута го постигнаа првиот гол. Потоа израмнија на 2-2, а тоа беше и последен период во која гостинските беа резултатски блиску до нас. Игравме лесно во одбрана, а во нападотдобро функционираше соработката меѓу сите линии. Тоа ни донесе предност од 8-4 во 12 минута. Можеше тренерот Давид Дејвис дури и да комбинира со различни ракометарки на бековската позиција, и да им даде шанса на повеќе играчи.
Следуваше нова серија на вардарки кои го зголемија водството на 11-6 во 18 минута. Астраханочка само успеа да намали на 12-8 пред повторно да направиме серија за водство, овојпат од „плус 7", 15-8. Тоа беше моментот кога и Астраханочка знаеше дека бодовите ќе останат во Скопје. Само „привремено" гостинските намалија на „минус 5" и н аодмор се замина со резултат 18-13 за Вардар.

Штом почна второто полувреме, тргна и „црвено-црната фурија", па за пет минути Вардар веќе имаше предност од 23-15. И тука не застанавме, па во 42 минута првпат ја „раситнивме" десетката, поведувајќи со 28-18. Потоа се беше во нашите раце, а водството доби и високи „плус 14" во 54 минута.
Амандин Лејно го постигна последниот гол, обидувајќи се да асистира за контра, но таа топка не ја стигна ниту голманката на Астраханочка.

Во следното коло гостуваме кај ФТЦ во Будимпешта и тој меч за нас е важен бидејќи од тој меч ќе знаеме колку бодови ќе пренесеме во следната фаза.

Вардар - Астраханочка 39-25 (18-13)
ВАРДАР: Лејно 1, Песоа, Радичевиќ 9, Кликовац 1, Херем 4, Мавсар 2, Дамњановиќ 1, Алтхаус 4, Илина, Пенезиќ 5, Човиќ 3, Лакрабер 1, Хмирова 4, Лекиќ 3, Ристовска 1.

Астраханочка: Сисенова 2, Постнова 5, Сорокина, Иванова 1, Сабирова 4, Левша, Видрина, Ваганова, Чигирнова 2, Клименко, Трусова, Шичкина 2, Игнатович 1, Зеленова 1. Кожокар 7, Јемелјаменка.

сабота, 5 ноември 2016 - 19:14