Андреа Пенезиќ потпиша нов едногодишен договор со Вардар

Левиот бек на Вардар, Андреа Пенезиќ ќе остане дел од клубот и во следната 2017/2018 сезона, откако е постигнат договор за нова соработка. Хрватската интернационалка од 2014 година е дел од Вардар, и со новиот договор нејзиниот престој во Скопје ќе биде најмалку четири сезони.

Во продолжението од лигата на шампионите сезонава, Пенезиќ двапати беше прогласувана за една од ѕвездите на колото, што доволно укажува на фактот во каква форма игра таа и колку е важен дел од тимот на Вардар. На досегашните осум натпревари во ЛШ, Пенезиќ постигна вкупно 53 гола и е најдобар стрелец на клубот. Вардар е лидер во групната фаза со осум победи по ред сезонава, и десет натпревари без пораз.

„Задоволна сум, и самиот факт дека три сезони сум тука зборува укажува на тоа. Мислам дека и клубот е задоволен од моите настапи, и сметам дека во иднина заедно ќе постигнеме уште подобри резултати. Вардар е одличен клуб кој нуди многу добри услови за постигнување на добри резултати и немав дилема околу останувањето, вели Андреа Пенезиќ

Како дел од Вардар таа беше членка на тимот што три сезони по ред ја освојува бронзата на Ф4 турнирите. Пенезиќ во кариерата била и избрана за најдобра лев бек на СП 2011, и шест години најдобра Хрватска ракометарка. Во сезоната 2014/2015 беше на делба на првото место како најдобар стрелец со 02 гола. Лани беше и номинирана за Oл стар тимот на ЕХФ лигата на шампионките.

„Среќни сме што Пенезиќ ќе остане дел од Вардар и следната сезона. Очекуваме и во иднина да биде на нивото на кое и сега настапува, и заедно да се радуваме на нови победи. Со нејзиното останување решивме едно важно место во тимот, и веруваме дека играта на Вардар ќе биде на уште повисоко ниво, вели Давор Стојаноски, извршниот директор на Вардар.

По девет одиграни натпревари во лигата на шампионите Вардар е единствена екипа што има осум победи по ред, а девет меча без пораз сезонава, а десет вкупно по ред. Обезбедено е местото во четвртфиналето на ЛШ, на три кола до крај на натпреварите од главната фаза.

сабота, 18 февруари 2017 - 11:00