Збогум мини ракомет, децата од 2006/07 ќе се натпреваруваат како големи ракометари

Во новата, трета сезона од Вардар Јуниор лигата за првпат во ракомет ќе се натпреваруваат момчињата и девојките од генерацијата 2006/07.

Повеќето од децата веќе ги запознавме во претходните сезони на натпреварите во мини ракомет, што значи дека играа само на една половина од ракометното игралиште и применуваа само дел од ракометните правила. Со трансферот на цел терен, младите ракометари ќе треба да се навикнат да играат на поширок простор и со многу построги правила, односно со истите што важат и за професионалните ракометари.

Според тренерите ова е важен момент зашто почнуваат да се двојат идните надежи и таленти, од кои очекуваме еден ден, покрај црно – црвениот, да го облечат и репрезентативниот дрес.

Но, какви се очекувањата на најмладите, и како се подготвуваат за промените.

Миа Маринчов од Ново Лисиче Вардар има 9 години и игра на позицијата лев бек, а ракомет тренира веќе 5 години. Таа вели дека изминатите години учела и се подготвувала за следнава сезона.

„Возбудена сум, и ќе се даваат многу голови. Минатата сезона ми беше прва во Вардар Јуниор лигата и ме освои чувството кога ќе дадев гол. Сакам добри акции, кога си асистираме со девојчињата во тимот, но најмногу сакам кога јас сама ќе дадам гол. Учиме да играме како екипа, да ни е важен резултатот и победата, но на нашата возраст важно е и да покажеме дека изминатите години сме научиле да играме правилно и да успееме да се издвоиме со вештините. На малиот терен, во мини ракомет беше полесно да се игра и поедноставно за да научиме да играме, но тоа нѐ подготви за да се снајдеме и на целиот терен. Правилно да се распоредиме на теренот, да можеме брзо да истрчаме од едната до другата страна. Ние веќе имаме играно пријателски натпревари и не е тешко, само треба да се вежба", вели Миа и дополнува: „Во Вардар Јуниор лигата ми се допадна тоа што и за мини ракомет требаше многу да се вежба, да се научи, да се даваат голови, но и да се дружиме и да запознаваме нови другарчиња", дополнува Миа.

Ракометни идоли и се Кристина Неагу и нашиот среден бек Андреа Лекиќ.

Заедно со тренерите Анжела Платон, Мариjа Аврамовска и Ана Деспотовска девојките од Ново Лисиче Вардар годинава ќе ги видиме и со екипа во генерацијата 2004/05.

петок, 4 август 2017 - 10:00