Во Јуниор лигата обожаваме натпревари, ама сакаме и да тренираме

Што мислите дека е поинтересно – тренингот или натпреварот? Две момчиња од Драчево Вардар кои во Вардар Јуниор лигата се натпреваруваат во генерацијата 2006/07 ни потврдија – најинтересни се натпреварите, но и двајцата имаат и омилени вежби за време на тренингот. И тоа е зошто го сакаат ракометот. Во организација на Вардар Јуниор лигата успеваат да се натпреваруваат и да имаат реквизити за интересни тренинзи.

Тренерите секогаш бараат вежби за го задржат вниманието на децата кои тренираат, а според Матеј Тевдовски и Борче Арсовски со тренерот Велимир Настевски трипати неделно во ОУ „Кузман Шапкарев", во населбата Драчево, имаат интересни и многу добри тренинзи.

Единаесетгодишниот Матеј Тевдовски вели дека од секогаш го сакал ракометот, и во петто оддлеление се запишал да тренира. Омилен ракометар му Михел Хансен од Данска. Не е единствениот ракометар во семејството, ниту пак е единствениот што одбрал ракометот да го учи со вардарови тренери.

„Брат ми е Петар Тевдовски, тој е 2000 годиште и игра за младинската селекција на Вардар Јуниор кај тренерот Пепи Манасков. Понекогаш тренирам и со него, имаме направено голче и шутираме пенали, и интересно е. Ако грешам во некоја вежба ми покажува како е правилно. Но, омилените вежби ми се на тренинг, со децата од мојот клуб. Најинтересно ми е кога трчаме контри, од центарот тренерот или едниот голман ни ја подава топката и шутираме на другиот гол каде има голман, како и кога вежбаме подавање. Тренинзите се заедно со девојките, но поделени сме во две групи и секоја група вежба на една половина од салата", вели Матеј.

Борче Арсовски има 10 години, а ракомет почнал да тренира пред околу две – три години и игра на позицијата крило.

„Ракометот ми е најинтересен кога играме натпревари. Понекогаш и на тренинг играме едни против други и тие ми се најинтересни тренинзи. Ми се допаѓа и кога на крајот од тренингот правиме стомачни и склекови. Иако на тренинг давам повеќе голови, а овде помалку зашто има и поискусни голмани, сепак, повеќе сакам кога се игра за победа со ривалски тим. И со децата од клубот, кога е убаво времето се собираме на игралиштето во населбата и играме само ракомет. Кога бев помал тренирав фудбал, ама другар ми ме викна со него да видам како е на ракомет. И беше многу интересен тренинг. Шутиравме голови, и на крајот другар ми ми рече дека сум бил многу добар иако не ги знаев правилата. Сѐ уште тренираме заедно, тој е голман, а јас сега ги знам правилата", со насмевка вели Борче.

Момчињата од Драчево Вардар се натпреваруваат во генерацијата 2006/07, а викендов ќе може да навивате за нив.

среда, 7 март 2018 - 10:48