
Запознајте ги Сања Анастасовска и Влатко Стојкоски од Ангели Вардар, кои велат дека љубовта за најдобриот спорт за нив се пренесува со гените.
За Влатко Стојкоски лигата е местото каде сака да се искали во голем ракометар и еден ден да игра во светски тим како Вардар.
Влатко Стојкоски
„Ракомет тренирам една година, и многу ми е убаво времето кое го минав со другарите и со тренерот. Кога почнав да тренирам и се сменија и другарчињата, зашто секој спорт си има идоли, и преку Ангели Вардар запознав и другарчиња кои имаат ракометни идоли. Со овие деца се дружам во секојдневниот живот. А идол ми е Игор Карачиќ од Вардар. Ракометот го избрав зашто ни тече во нашите гени. Двајцата дедовци порано биле голмани, а и татко ми тренирал ракомет, и јас сега имам многу добри рефлекси за голман. Најчесто играм на позицијата бек зашто тука сум му потребен на тимот, но можам да бидам и голман. Во Вардар Јуниор лигата многу ми се допаѓа играта против противници, има голема конкуренција и можеме да се докажеме. Тука запознаваме нови другари, и иако уште сме мали за да може да се дружиме надвор од салата, за време на натпреварите другаруваме", вели Влатко чија желба до крајот на сезонава е да ги победат Урдаревски Вардар на следната средба.
Сања Анастасовска во Јуниор лигата се натпреварува во машката категорија. Ракомет тренира две и пол години, а она што сака да го научи во лигата е да се изгради во одлична ракометарка.
Сања Анастасовска
„Желба ми е да станам успешна ракометарка. Во лигата учам многу финти, а учам и од постарите категории кога ги гледам. Идол ми е Јованка Радичевиќ од женскиот тим на Вардар, и Хорхе Македа од машкиот тим", вели Сања, која ракометот како спорт ја привлекол зашто и постарата сестра тренирала: „Едноставно го сакам спортот. Убав е, интересен е и сакам спортови со топка. Сакам кога имаме убави тренинзи, а тренерот ни ги предава најдобрите работи кои ние можеме да ги разбереме. Сезонава првпат играм во лигата, но ова што го играме е навистина многу добро за нас. Ни помага да напредуваме во ракометот и да се движиме кон целта да израснеме во успешни ракометари. Ми се допаѓа што играме со противници кои се многу квалитетни за нашата возраст. При тоа играме во убави сали, затоплени, се е добро организирано, и имаме и судии кои судат правилно и ни помагаат да ги научиме правилата", вели Сања.
За тренерот Силвана Миленковиќ, и двајцата се сложуваат дека е многу добар тренер, кој се обидува да им ги пренесе ракометните вештини, како и да ги научи и на финти, а им организира и пријателски натпревари.