Вардар Седмерец организира турнир „5-ка за ракомет“

Ракометната школа од Охрид, Вардар Седмерец и Ракометната Академија Вардар во партнерство со ЈП "Билјанини Извори"- Охрид организираат еднодневен турнир, што ќе се одржи утре, 25 мај во Охрид. 

Најавени се шест ракометни школи учесници, од кои повеќето се дел од Академијата на ракометниот клуб Вардар.

„Турнирот го организираме согласно нашите програмски определби за стратешки континуиран развој на најмладите категории, како и на децата да им ја доловиме убавината на колективните спортови преку натпреварувањата. На турнирот екипите ќе се натпреваруваат во две категории генерација 2008/2009 машки и 2008/2009 женски, а за децата родени 2010 година и помали организираме натпревари во мини ракомет. Турнирот ќе се одржи во спортската сала 'Билјанини Извори' во Охрид, каде ќе има повеќе од 250 деца - учесници од цела Македонија. Како организатори сакаме да истакнеме дека за прв пат еден ракометен турнир за деца ќе биде пренесуван во живо преку интернет, благодарение на Стојан Стојаноски '2S'. За сите учесници обезбедена е храна и вода, а за здравјето на децата ќе се грижи доктор од 'Црвен Крст'- Охрид", објаснува менаџерот на Вардар Седмерец Борис Џутески.

Според Џутески турнирот ќе им покаже на децата како изгледаат големите спортски настани, но ќе им даде и можност пред своите родители да покажат што научиле на тренинзите и како се развиваат како спортски личности, со силен натпреварувачки дух и натпреварувачки карактер. Во вардаровата школа во Охрид со децата работат неколку тренери, Џутески, тренер проф. Катерина Стојаноска и помошник тренерот Александар Стојаноски.

Во генерацијата 2008/09 во машка категорија ќе се натпреваруваат РК Вардар Седмерец од Охрид, ГРК Гостивар, РК Преспа од Ресен, РК Асови од Кичево, а во женска категорија РК Вардар Седмерец од Охрид, РК Кале од Кичево, РК Гостивар и РК Лихнид од Охрид.

Џутески најави дека желбата на клубот е турнирот да прерасне во традиционален.

петок, 24 мај 2019 - 12:42