Вардар Седмерец - нетрпеливи да заиграат во Вардар Јуниор лигата

Вардар Седмерец од Охрид се подготвува за неговата прва сезона во најголемиот ракометен проект за деца во Македонија, Вардар Јуниор лигата. Тренерот Борис Џутески вели дека со нетрпение го чекаат стартот на новата сезона, а и ние сме нетрпеливи да ги видиме новите членови од Охрид низ салите каде во сезоната 2018/2019 ќе се одржува лигата.

Ракометната школа започна со уписи на деца родени од 2005 до 2012 година, кои ќе тренираат во следниве сали:

        * Спортска сала при ОУ Св.Климент Охридски - понеделник и среда од 18:00 до 19:00ч;
        * Спортска сала при ОУ "Христо Узунов" - понеделник и среда од 19.30 до 20.30ч;
        * Спортска сала" Тодор Александров" при ОУ Живко Чинго - вторник и четврток од 19:00 до 20:00ч.

За Џутески соработката со Ракометната академија Вардар има значајна улога за развој на школата во Охрид, како и за откривање на нови ракометни таленти од овој регион на Македонија.

„Соработката со Академијата, нам како школа, ни нуди можности секогаш да сме чекор пред другите и да се развиваме под брендот Вардар. Нашата основна цел е да продолжиме континуирано и напорно да работиме со децата, со истото темпо и квалитетна работа како и лани. Сезонава за прв пат ќе учествуваме во Вардар Јуниор Лигата со екипа од момчиња родени 2008/09. Ова е голем чекор напред и голем предизвик, како за децата така и за нас, зашто лигата е место каде децата имаат шанса да бидат забележани од скаути кои може да им помогнат преку вардаровите селекции да израснат во професионални ракометари", вели Џутески и дополнува:
„Постојано работиме да се изгради тимски дух меѓу децата кои тренираат. Покрај ракометот, ги вклучуваме и во разни хуманитарни активности, односно, минатата сезона повеќепати се вклучувме во проекти што ги организираше Црвен Крст, имавме и новогодишна забава за членовите од ракометната школа во локалот Cuba Libre, организиравме и викенд дружби и екскурзии за членовите. Многу е важно да се развие хемија меѓу децата, да имаат доверба меѓу себе и на теренот да играат како тим. Годинава планираме да организираме и турнир, на кој ќе поканиме тимови од цела Македонија".

За дополнителни информации за запишувањата во Ракометна школа Вардар Седмерец - Борис Џутески контакт : 078/264-649.

четврток, 20 септември 2018 - 09:33