Вардар е бренд што привлекува деца во ракометот

Совладувањето на ракометните вештини и напредокот во идни ракометни ѕвезди секогаш е поврзано со упорни тренинзи и многу ракометни натпревари. Секој тренер потврдува дека најважни се натпреварите, и тоа колку повеќе - толку подобро, уште од најраната возраст. Токму затоа и Вардар Јуниор лигата секоја година привлекува нови учесници на натпреварите, кои во организација на нашата Ракометна академија се играат во текот на целата школска година.

Стотици деца и годинава се подготвуваат, а со нив и тренерите, според кои границите за запознавање со ракометот веќе се намалени и добро е, што е можно порано да се стартува со тренинзи. Никола Бисинов, од школата Бисинов Вардар вели дека воведувањето на децата во ракометот уште на мали нозе значи следење на светските трендови, каде тренинзите стартуваат уште на 5-6 годишна возраст.

„Иако и порано сум имал деца со кои работев, сепак Вардар е бренд кој привлекува нови деца во ракометот, особено по успехот кој го направи машката екипа. Има прилив на дечиња на возраст од 6-7 години и постари. Успешно работиме со двајцата соработници во школата. Имаме околу 30 –тина дечиња на возраст од 2. и 3. одделение. Вообичаено децата со фудбалот или кошарката се запознаваат уште на мали години, односно имале можност да шутнат топка на некое маалско игралиште, пред да се вклучат да тренираат. Но, кај нас доаѓаат деца кои првпат на тренинг се среќаваат со ракометна топка и затоа почнавме да работиме и со помали категории. Кога ќе стигнат во 5. одделение да имаат претстава како се држи и фрла ракометна топка, да знаат да ја фатат, односно да имаат моторика со рацете. Разговаравме со колеги за Хрватска, каде например децата од 2004 година техниката ја имаат веќе многу совладано, и затоа потоа повеќе деца имаат можност да направат професионален успех. Се обидувам истото да го правам и со мојата школа во Велес. Со малите повеќе се работат некои вежби или игри за да се запознаат со спортот", вели тренерот Бисинов

Школата во Велес изминативе години извади 10-тина таленти кои напредуваа во селекциите на Вардар, каде конкуренцијата е многу посилна. Меѓу поуспешните вардаровци кои излегуваат од школата Бисинов е Тоше Ончев. Некои од талентите напредуваа сезонава во постари селекции, а некои допрва треба да се докажуваат, како што се момчињата родени 2004/05 кои настапуваат за Вардар јуниор во пионерската лига на Ракометната федерација на Македонија.

„Пет момчиња од 2004/05 година кои напредуваа во екипата на Вардар Јуниор продолжуваат да играат и во Вардар Јуниор лигата заедно со децата родени 2002 година. Во лигата имам екипи и во генерацијата 2006/07 и 2008 и помали. Имам интересна генерација во 2006/07 кои годинава ќе играат на нормален терен. Тоа се дечиња кои имаат предиспозиции да пораснат повеќе и нив малку повеќе ќе им се посветам. Имам и три деца родени 2002 годиште, и меѓу нив има интересни деца. Додека момчињата кои добија шанса во пионерската екипа на Вардар јуниор имаат добри предиспозиции за развој и се добар материјал за работење. Тука се Иле Табаков, Иле Велковски, Давид Славевски, Марјан Гочев и Антони Андовски", додава Бисинов.

На што внимаваат тренерите кога се составува една екипа за натпревар, односно, дали е доволно да бидат високи деца со добра моторика, Бисинов вели не:

„Внимаваме и на висината, и на моториката на рацете и нозете, од друга страна и генетскиот фактор игра улога зашто децата се слика и прилика на родителите, но за нас е важно и да се добри ученици. Водиме сметка дали учат, и секое тромесечие им го проверуваме и успехот. Така секое дете добива фер шанса, а кое ќе успее со ракометот времето покажува", вели Бисинов.

Женскиот ракомет, пак, во Велес не вирее, па годинава во Јуниор лигата од оваа школа ќе немаме екипи во женската конкуренција.

среда, 11 октомври 2017 - 10:47