Тренерот Стојан Петрушевски од Вардар Јуниор на децата во Кисела Вода Вардар им откриваше ракометни тајни

Младите ракометари во нашата школа Кисела Вода Вардар имаа невообичаен тренинг. Заедно со тренерот на Вардар Јуниор Стојан Петрушевски, поранешен селектор на сениорската и на младинската репрезентација на Македонија тренираа како големи ракометари. Научија по некоја нова финта, но пред сѐ добро се забавуваа и уживаа во вежбите и игрите кои им ги организираше Петрушевски.

Нашиот тренер во Кисела Вода Вардар Билјана Пецевска со Петрушевски го поделија часот, па така гостинот можеше да присуствува на тренинг и во двете старосни групи, односно прво работеше со дечињата родени 2010 и помали, кои тренираат мини ракомет, а потоа остана со децата родени 2008/09. Остатокот од часот Пецевска го посвети на вообичаените тренинг активности, односно учење на ракометните вештини.

„Со деца е секогаш забавно да се работи, но, посебно ми се допадна што и на двата часа децата беа фокусирани и сакаа да научат финта повеќе. Внимаваа што им објаснував и се трудеа да ја направат вежбата, иако за дел од децата овие вежби се нови и можеби првпат ги работат. Заеднички уживавме во тренингот и се надевам дека ќе повториме", рече Петрушевски по завршувањето на часовите.

На тренингот присуствуваа и дел од ракометарите од екипата на Вардар јуниор, Виктор Крстевски и Стефан Крстевски кои му помогнаа на Петрушевски да извлече насмевки на детските образи.

Децата од Кисела Вода Вардар, како членови на Ракометната академија Вардар ќе играат на турнирот „Еден живот, една љубов", а подоцна ќе се натпреваруваат и во Вардар Јуниор лигата.

* За упис во Кисела Вода Вардар комуницирајте со Билјана Пецевска 078 345 - 687

 

четврток, 3 октомври 2019 - 13:15