Традицијата продолжува – подгответе се за петтиот зимски турнир „Еден живот, една љубов“

Ракометната академија на Вардар создаде традиција за најмладите ракометари во земјава преку организацијата на популарно препознатливиот зимски турнир „Еден живот, една љубов". Петтиот зимски турнир се одржува од 15 до 18 јануари годинава и во спортскиот центар „Јане Сандански" повторно ќе ги собере најголемите вљубеници во ракометот.

Зад нас се четири успешно реализирани турнири, кои меѓу младите ракометари – членови на Ракометната академија Вардар изградија имиџ на квалитетен и силен турнир, каде се унапредуваат ракометните вештини.
Екипите и годинава се натпреваруваат во машка конкуренција во категориите родени 2004/05, 2006/07 и 2008/09, додека девојките се присутни во старосната категорија 2006/07.
Пионерите на Вардар предводени од тренерот Зоран Петковски ќе се натпреваруваат во категоријата родени 2004/05. Иако во минатото селекциите не настапуваа на турнирот, нивното вклучување годинава ќе биде значаен предизвик за останатите екипи, кои немале можност досега да се натпреваруваат со вардаровата селекција.
Годинава на турнирот за првпат имаме и гости кои не се дел од нашата Академија. Ракометниот клуб Аеродром на македонската ракометна сцена се појавува со млади впечатливи екипи кои ќе внесат нова динамика на турнирот.
По завршувањето на зимскиот распуст за учениците, ќе се одржи и зимскиот турнир во мини – ракомет за децата родени 2010 година и помали, но за тоа дополнително ќе известиме.
Распоредот за натпреварите што ќе се играат во периодот од 15 до 18 јануари дополнително ќе го објавиме.
Се гледаме на „Еден живот, една љубов" во СЦ „Јане Сандански".

четврток, 10 јануари 2019 - 11:51