Сумирање на резултатите од првиот дел од Вардар Јуниор лигата

Време е да почнат да се коваат стратегиите за пролетниот дел од сезоната во Вардар Јуниор лига. Но, прво да ги разгледаме резултатите од натпреварите што се одиграа во првиот дел од сезоната 2019/20, а кои се во организација на Ракометната академија Вардар. Победниците ги чека уште потежок предизвик, да ги одржат позициите до завршување на лигата, додека за останатите посилно да тренираат да се наметнат како победници во следните дуели.

Во Вардар Јуниор лигата девојките сезонава се натпреваруваат во категоријата родени 2006/07, како и во категоријата на најмладите учесници децата родени 2010 година и помлади каде тимовите се со мешан состав.

Билтени девојки 2006/07 bilten_2006-07_zenski.docx

Лигата е место каде девојките ги докажуваат своите квалитети, покажуваат што научиле во изминатите години натпревари и тренинзи, а и каде се наоѓаат во однос на нивните врснички од Скопје и од други градови во Македонија. Натпреварите се одлична можност за тренерите да забележат на што треба да се посвети повеќе внимание во процесот на подготовка на младите ракометарки. Додека девојките имаат можност во дуел со своите врсници да оценат дали го применуваат она што го учеле на тренинзите, а при тоа и да создадат нови пријателства и преку спортска игра и да се здружат околу заедничката пасија – ракометот.

Сезонава во Вардар Јуниор лигата учествуваат деца од Делчево, Кичево, Ресен, Прилеп, Тетово, Охрид, Велес и Скопје.

Во последните неколку месеци од 2019 година натпреварите се играа во Скопје, односно во салите на СЦ „Јане Сандански" и во Прилеп.

Особено весела атмосфера на терените во салите предизвикуваат девојчињата и момчињата родени 2010 година и помлади кои се натпреваруваат во мини – ракомет. Посветеноста и желбата да стигнат до линијата и постигнат гол е еднаква на онаа на вистинските ракометари, но при тоа академијата внимава фокусот во салата да остане врз можноста за дружба и забава кај оваа категорија. За овие натпревари не се подготвуваат табели со резултати, не се брои колку бодови освоила екипата, туку децата се запознаваат со тоа како изгледа натпревар, учат да креираат тимски дух, и да се забавуваат и да уживаат во играта. Љубовта кон ракометот ја имаат сите, но на теренот ја развиваат и учат дека со тренинг и натпревар најдобро се совладува ракометната вештина.

среда, 29 јануари 2020 - 12:18