Ракометот го сакаат колку мама и тато

Ракометот е страст која ја делат децата од Ракометната академија Вардар, но она што нѐ прави посебно среќни, е кога децата од нашето големо семејство ќе ја опишат таа љубов. Велат дека имаат срца кои едноставно се такви да ракометот и Вардар ги сакаат исто колку што ги сакаат мама и тато. За нив ракометот не е обичен спорт, а редовните натпревари во Вардар Јуниор лигата им помагаат таа љубов да расте.

Запознајте ги вљубениците во ракометот, левиот бек Давид Јовчевски и левото крило Марко Каевски од екипата на Урдаревски Вардар во категоријата 2006/07.

Давид Јовчевски ракомет тренира две и половина години, а се вклучил зашто има сон да биде голем ракометар.

Давид Јовчевски

„Ова ми е втора година во лигата, а лани играв и мини ракомет, и заедно со постарата екипа во категоријата 2004/05. Сепак, поинтересно и поубаво кога играм со мојата генерација зашто лани со поголемите не играв многу и потешко стигав до голот. А, сега на неколку натпревари имам дадено најмногу голови. За натпреварите во мини ракомет, пак, игравме и против женски тимови игравме, и за нас тоа не беше интересно. Порамноправно е кога се игра со машки тимови, посилни се мечевите и многу поинтересно, особено кога се на цел терен", раскажува Давид.

Секое дете наоѓа по нешто различно што му се допаѓа во лигата, за Давид тоа се дресовите, тренерките, облеката за тренинг, торбиците и ранците, односно целата опрема која децата ја добиваат со почетокот на сезоната за учество во лигата. Од екипата на Вардар, пак, Давид има два идоли Хорхе Македа и Вуко Борозан, а желба му е еден ден да биде како Македа.

„Сум чул дека Хорхе Македа е многу позитивен и голем мотиватор во тимот, и сакам и јас да бидам. Сега во нашата екипа најмногу нѐ мотивира средниот бек Димитар и тренерот Никола Димовски, кој многу ни помага, ни кажува како да играме со цел да победиме, и многу работи со нас и на тренинзи", вели Давид.

Пофални зборови за тренерот има и Марко Каевски, кој ракомет тренира подолго од три години.

Марко Каевски

„Уште како мал ракометот ми беше голема љубов и голема желба ми беше да почнам да тренирам. Ракометот го сакам исто како што ги сакам и моите родители. Значи го обожував, не само како спорт, туку за мене ракометот е нешто најубаво. Особено ги сакам и вардарци. Едноставно имам такво срце што многу го сака Вардар и најголема желба ми беше да станам дел од клубот. И сега со Академијата сум дел од Вардар и на мене е да работам, да се трудам и да напредувам се понапред и понапред", вели Марко.

Иако ги сака сите вардарци, Марко вели дека идоли му се Лука Циндриќ и Тимур Дибиров зашто биле најбрзи во екипата и „некако најблиски му се по енергијата".

„И во нашата лига има убави екипи и силни противници. Има деца од кои може еден ден да станат добри ракометари, и се игра многу јако и може да се напредува. На пример, лани играв мини ракомет, и сега знам какво е тоа чувство да се игра на мали голчиња, а како на големи голови. Мини ракомет се игра на мал терен, не можеш да земеш голем залет за шут, не може да се направи вкрстување или двојно вкрстување. Играат многу мали деца, кои најчесто си ја подаваат топката, а меракот е да се шутираат голови. На големиот терен веќе имаш доволно простор за сѐ што ќе посакаш да направиш. Кога гледаш од страна си велиш, леле колку е голема салава, но кога ќе влезеш внатре сѐ изгледа нормално, како да трчаш во место", вели Марко.

Горди сме што покрај љубовта, успеваме да развиваме здрави спортски навики и да ја втемелиме спортската култура во животот на децата.

понеделник, 11 декември 2017 - 15:20