Преку Јуниор лигата до РК Вардар – Кети Ангеловска почнува нов живот

Учеството во Вардар Јуниор лигата за две девојки од Делчево Вардар значеше исполнување на сонот – влез во младинската селекција на Вардар. Кети Ангеловска и Марија Гоцевска од следнава сезона се приклучуваат на вардаровата екипа, а интересно е што тренерот Анжела Платон одбра девојки кои се истакнаа на натпреварите на Вардар Јуниор лигата уште во првата сезона.

Денеска ви ја претставуваме Кети Ангеловска, која изминатите неколку години на сите наши турнири собираше индивидуални награди во нејзината старосна категорија 2000/01.

"Уште кога нашиот клуб се поврза со Вардар мојата мотивација за успех беше двојно поголема. Кога и самиот знаеш дека те гледаат врвни ракометни играчи пред кои можеш да ги покажеш своите вештини, чувството е возбудливо и неверојатно. Уште на првиот турнир на Вардар, 'Еден живот, една љубов' мојата желба за успех беше огромна и како резултат на тоа го добив признанието за најдобро крило. Следната година го освоивме првото место во Јуниор лигата и го добив признанието за најдобар стрелец, како и оваа година на зимскиот турнир ,'Еден живот, една љубов'", се потсетува Кети, која последнава сезона со екипата од Делчево се натпреваруваше во младинската и кадетската лига на Ракометната федерација на Македонија.

Поради повреда два месеци отсуствувала од теренот, но вели дека желбата за враќање на терен била огромна и за брзо време успеала да се врати во форма. Но, она што не го очекувала е покана во Вардар по завршувањето на сезоната.

„Во моментот кога го добив повикот се чуствував... не можам да го опишам тоа чувство. Не знаев ниту како да реагирам. Се разбира бев среќна, но многу чувства се измешаа. Вардар јуниор лигата и зимскиот турнир дадоа голем придонес во повикот за Вардар, бидејќи ни овозможија докажување пред наши идоли и врвни играчи кои сега се дел од Вардар. Голем придонес за доаѓањето во Вардар имаше и мојот тим и тренерот Горан Велков, кој ми ги пренесе сите тајни на ракометот, за што сум им благодарна. Сега во Скопје доаѓам во нова средина со нови луѓе, ново училиште, и можам да кажам нов живот, каде се надевам дека бргу ќе се вклопам и навикнам во мојот нов тим, а се надевам и на многу успеси. Се надевам дека искуството на моите нови тренери ќе нѐ насочи кон повторување на нивниот успех", вели Кети.

Очекува брзо да се вклучи во новата екипа, зашто веќе ги познава девојките. Изминатата сезона ги следела нивните натпревари, а во лигите на РФМ играла и против нив. Најголемиот ракометен проект во Македонија, Вардар јуниор лигата повторно покажа дека за квалитетот секогаш има место и тој секогаш ќе биде препознаен и ќе добие шанса за напредување. Во Ракометната академија на Вардар има околу 2.000 деца кои секојдневно се дружат во ракометот и сонуваат да стигнат во првиот тим и настап на натпревари од лигата на шампионите. Полека, но сигурно за дел од тие деца почнува остварување на нивниот сон. А сите други добиваат желба за работа и докажување.

 

вторник, 4 јули 2017 - 12:12