Подгответе се за нови предизвици: Стартува новата сезона на Вардар Јуниор лигата

Најдобрата ракометна лига за млади категории во организација на Ракометната академија Вардар стартува в недела, 28 октомври во СЦ „Јане Сандански".

Вардар Јуниор лигата прерасна во традиција која годинава се одржува по четврти пат. И годинава ќе се игра во повеќе градови низ Македонија, од каде потекнуваат и дел од екипите кои учествуваат во натпреварите. Лигата се игра во текот на сезоната, со пауза за време на школскиот зимски распуст.

Лигата им овозможува на помладите категории да добијат искуство, да се дружат со своите врсници, да го изградат карактерот и спортската етика како натпреварувачи, како и создавање на натпреварувачки дух. Тоа е отскочната штица за продолжување во некоја од селекциите на Вардар каде доаѓаат да играат најдобрите. Спортот ги учи децата на правилата на здравиот начин на живот, но и како корисно да го искористат слободното време. Овозможувајќи при тоа, услови за правилен развој на децата, како психички, така и физички.

Првите натпревари се играат в недела на 28 октомври, и по успешните три сезони годинава продолжуваме да го развиваме досега најголемиот проект во организација на Ракометната академија Вардар.

Сезонава децата ќе се натпреваруваат во категориите 200/05, 2006/07, 2008/09 и најмладите родени 2010 година и помлади ќе играат натпревари во мини – ракомет.

„Се грижиме за сите аспекти од натпреварите со цел да имаме добра организација. За натпреварите соодветно се ангажираат и официјални лица, судии и медицински персонал, согласно правилата за одржување на лигата. Главна цел е децата да се насочат кон здрав начин на живот. Преку тренинзите и натпреварите се гради карактерот врз база на принципи кои се содржат во концептот на спортското однесување: доверба, почитување, одговорност, транспарентност, праведност, грижа и социјализација. Најголемите резултати во спортот можат да се остварат кога однесувањето, тренинзите и натпреварите се одвиваат во согласност со овие начела", објаснува Ели Радоман од Ракометната академија Вардар.

Првото коло сезонава ќе стартува во Скопје, а следниот викенд ќе продолжи во Прилеп.

* Распоред на натпревари од првиот дел од првото коло: saatnica_28.10.2018.pdf

Ракометната академија секоја година се труди да организира поуспешна сезона од претходната, а за сезоната пред нас очекуваат интересни натпревари и откривање на нови млади таленти за селекциите на Вардар.

петок, 26 октомври 2018 - 09:05