Пехарот од Лига на шампионите во посета на Охрид

Еуфоричната треска што завладеа по второто освојување на тронот во најелитното европско клупско натпреварување Лига на шампионите, повторно се разбуди со втората победа на двократниот шампион Вардар во СЦ "Јане Сандански" против Порто. Среќата и возбудата што ги предизвика Вардар кога го донесе пехарот во Скопје сѐ уште изнудуваат насмевки, особено кај оние кои ја искористија можноста да се сликаат со европскиот трофеј.Затоа Ве каниме да дојдете да се сликате со пехарот во Охрид.

Ракометната академија Вардар и ракометната школа Вардар – Седмерец на 28 септември, сабота, ќе бидат Ваши домаќини на неколку локации низ градот каде Ве очекуваме да се дружиме.

Во текот на денот пехарот ќе биде на следниве локации:
*Бисери Филеви: 12:00 до 13:00 часот
*Ресторан Далга: 13:00 до 14:00 часот
*Хотел Лаки: 14:00 до 15:00 часот
*CubaLibre Beach: 16:00 до 19:00 (За сите фанови од Охрид и Струга)
*CubaLibre Beach: 19:00 до 21:00 (За членовите на ракометната школа Вардар Седмерец)

Борис Џутески од Вардар – Седмерец, како организатор на настанот вели дека соработката со Ракометната академија Вардар во минатите години се покажала како можност за развој на школата, но сега веќе се гледаат и придобивките кога си дел од црвено – црното семејство.

„Ова е ретка можност и среќен сум што успеавме пехарот да го донесеме во Охрид и в сабота ги очекуваме охриѓани, но и навивачите од Струга, како и од други населени места во околината на Охрид да ја искористат шансата. Ракометната школа Вардар Седмерец од Охрид е голем поддржувач и навивач на европскиот ракометен првак Вардар, и пресреќни сме што во Бисери Филеви, Ресторан Далга, Хотел Лаки и во CubaLibre Beach организираме настан каде сите фанови од 12:00 до 19:00 часот да можат да се фотографираат со пехарот освоен во Келн", вели Џутески.

Тој нагласува дека пехарот најмногу време ќе помине во CubaLibre Beach, но важно за фановите е дека 16 часот до 19 часот локалот ќе биде отворен за сите фанови кои сакаат да се фотографираат со пехарот. Терминот од 19:00 до 21:00 часот е резервиран ексклузивно за дружба со членовите од ракометната школа Вардар Седмерец кои ќе имаат можност да се фотографираат со пехарот и секој член посебно ќе добие членска книшка и лојална клуб картичка кој им овозможува попуст во многу продавници за спортска опрема, книжари, кафе барови, пицерии, златари, сребрари.

четврток, 26 септември 2019 - 12:41