Пакувајте ги дресовите, време е за кампови

Нема одмор за дресовите од Вардар Јуниор лигата. Со крајот на натпреварувачката сезона и почетокот на летната сезона нашите млади ракометари веќе се подготвуваат за нови ракометни предизвици. Желни за нови знаења и нови искуства децата веќе се подготвуваат за летните кампови.

Повеќето регионални единици кои членуваат во Ракометната академија Вардар летово организираат кампови за децата кои тренираат во школите, а од кои дел се натпреваруваат и во Вардар Јуниор лигата.

Леа Христоска минатата година се издвои како еден од најдобрите голмани кои се натпреваруваа во лигата, а на зимскиот турнир „Еден живот, една љубов", кој се одржа во јануари годинава, беше наградена како најдобар голман во женска категорија во генерацијата 2004/05. И Леа се подготвува за ракометен камп.

„Важно ми е да продолжам да тренирам и во текот на летото, и додека трае распустот ќе се вклучам на летен камп за ракомет, а веќе со стартот на школската година со девојките од мојата екипа се враќаме на тренинзи во школата на Кастратовиќ Вардар. Вардар Јуниор лигата за мене беше одлично искуство и планирам да продолжам да се натпреварувам и во следната сезона", вели Леа Христоска, која изминатата година и половина тренира за голман во школата Кастратовиќ Вардар.

Леа е родена во 2004 година, и во лигата се натпреварува со нејзината генерација.

„Кога во школо игравме фудбал или ракомет секогаш бранев. А, ракометот ми е интересен спорт и ме привлече да се запишам да тренирам, се разбира како голман. Веднаш се вклучив во лигата. На почетокот ми беше потешко зашто ми беше прва година во лигата, а имаше девојки кои имаат поголемо искуство од мене, но со време, како што тренирав таа разлика ја надминав и ми стануваше сѐ полесно. Тренингот за голманите е во истиот термин со останатите играчи, но јас не ги работам истите вежби со останатите деца. Од тренерот Здравка Дамовска јас добивам вежби кои се наменети за голмани. Многу неочекувана ми беше и наградата за најдобар голман зашто имав повреда и шест месеци не можев да тренирам и сметав дека не сум многу подготвена. Но, имаме одличен тренер кој се грижи за нас и успева и на терен да го извлече најдоброто од нас", вели Леа.

Искуството од изминатата сезона вели дека и помогнало да стане подобар голман.

„Лигата беше супер. Има одлична организација. Се дружиме со нашите врсници и се натпреваруваме. Со нетрпение ја очекувам следната сезона и верувам дека ќе бидеме прво место. Многу повеќе ќе тренираме, ќе се подготвуваме за златото", вели Леа.

Во меѓувреме Леа останува да ја развива желбата за ракомет, за што најголема поддршка и е татко ѝ, кој е голем ракометен фан.

среда, 14 јуни 2017 - 12:50