Не спијат од возбуда во исчекување на финалето во Вардар Јуниор лигата

Четири екипи во машка категорија се подготвуваат за финалните натпревари во генерацијата 2000/01. Филип Вардар, Гостивар Вардар, Општина Кисела Вода Вардар и Урдаревски Вардар викендов ќе си ги одмерат силите за последен пат во оваа сезона од Вардар Јуниор лигата, со една и единствена цел – да се освои шампионската титула во нивната конкуренција. За адреналинот, возбудата, исчекувањето и нетрпението што побрзо да се одиграат финалните натпревари, разговараме со Филип Велковски и Филип Дабески од Општина Кисела Вода Вардар.

Двајцата играат на позицијата среден бек, но по потреба кога се менува стратегијата се поместуваат на други позиции на теренот, коишто треба да им донесат повеќе голови и посакуваната победа. Велат дека во исчекување на полуфиналето нема промени во тренингот, но повеќе се подготвуваат психички да го издржат притисокот, а со тренерот Симон Трајковски подготвуваат стратегии како да ја зајакнат одбраната и подобрат нападот.

Капитенот на екипата Филип Велковски вели дека физички е подготвен, а од возбуда заради претстојната можност, зад себе има и една – две непроспиени ноќи.

Филип Велковски

„Полуфиналето со Гостивар Вардар се наближува, но нема некои посебни подготовки. Повеќе психички се подготвувам зашто физички се чувствувам одлично. Очекував дека натпреварот ќе се игра пред велигденските празници и од возбуда викендот останав без спиење. За првпат играм полуфинале и се надевам и финале во лигата. Чуствувам силен наплив на адреналин, и искрено се радувам. Со ова полека се исполнуваат дел од очекувањата кои ги имам од лигата. Во однос на Гостивар Вардар, го познаваме како противник. Првиот натпревар со нив го игравме во Кичево, може да се рече кај нив дома зашто во екипата има и момчиња од Кичево, и победивме со шест разлика. На овој натпревар дадов шест гола. Вториот натпревар се играше во Скопје, но не учествував и екипата загуби со два гола зашто не беше комплетна", вели Филип.

Филип ракомет почнал да тренира пред две години, кога во скопската населба почна да работи школата на Општина Кисела Вода Вардар. Дотогаш се занимавал со други спортови, но вели ракометот отсекогаш му бил интересен, а внимателно ги следел натпреварите и на неговиот чичко, репрезентативецот Гоце Георгиевски.

„Во однос на екипите кои ќе играат во полуфиналето вистински предизвик ми е Урдаревски Вардар. Иако на табелата во нашата конкуренција тие се на 4. место, а ние на 3., досега не сме ги победиле. Додека Филип Вардар и Гостивар Вардар се рангирани пред нас, но против нив имаме победи. На овој натпревар ќе имам и поддршка од трибините, односно во салата ќе биде дедо ми, кој најмногу ме поддржува во спортот, како и мајка ми и татко ми", вели капитенот на екипата, кој вообичаено постигнува 6-7 гола на еден натпревар, а најмногу погодоци на еден меч постигнал против екипа од Кичево - 11 голови.

Подготвен за дуелот со Гостивар Вардар е и Филип Дабески, кој веќе трета година тренира ракомет.

Филип Дабески

„Пет години тренирав карате, и потоа се префрлив на ракометот зашто имав желба да се обидам во овој спорт, а преку Вардар Јуниор лигата добив можност да играм натпревари и да го совладам ракометот. Можеби и самото друштво кое ме пречека во ракометот допринесе за промената, но и ракометот ми е поубав спорт. Искуството и наученото од карате ми помага да бидам подобар во ракометот, односно подобро се снаоѓам во паѓањето, зашто е важно играчот да знае како да падне, а и при контакт со противникот за да се заштитам", вели Филип.

За него ова е втора година во Вардар Јуниор лигата, но во однос на претходната, многу поинтересна.

„Лани не бевме многу добри зашто ни фалеа играчи, а годинава се собравме добра екипа и се спремаме да играме финале. Среќен сум за можноста која ја имаме, а желба ни е да освоиме прво место. Силно сме мотивирани, напорно тренираме и не се откажуваме. Си даваме поддршка еден на друг во екипата, а и тренерот ни е одлична потпора и мислиме дека ќе успееме да го освоиме првото место. Гостивар Вардар ни е познат противник, имаме и победа и пораз со него. За нас голем предизвик е и Урдаревски Вардар зашто досега не сме го победиле, но неодамна имавме натпревар со нив и соодветно се подготвуваме и за евентуален дуел. Подготвени сме да играме и со Филип Вардар. Сакам да спомнам и дека деновиве почина едно другарче од нашата ракометна школа, кое играше во лигата во помладата генерација 2002/03, и со тимот се договараме овој натпревар да го изиграме за него", вели Филип.

Дабески е дел од најстарата генерација, 2000/01, која се натпреварува во лигата и за нив ова е последна година во Вардар Јуниор лигата. Но, тој вели дека тоа не значи дека се откажува од ракометот, туку следните месеци ќе се обиде да влезе во некоја селекција или клуб кој ќе му овозможи и понатаму да се развива како ракометар.

На момчињата од Општина Кисела Вода Вардар им посакуваме интересен натпревар во полуфиналето, а Вас Ве покануваме да ги поддржите од трибините.

среда, 19 април 2017 - 10:59