На тренинг со Александар Царчев во новата школа на Вардар

Детскиот џагор се стиша кога пред нив застана поранешниот репрезентативец - голман и актуелен тренер на голмани во македонската сениорска репрезентација и на Вардар жени, како на младинските вардарови селекции Александар Царчев. За искуството пред мрежата и за посветеноста на Царчев кон ракометот може многу да се напише и речиси секој вардарец може да каже пофален збор, но децата, кои кон крајот на октомври се вклучија во новата школа на Вардар во ОУ Владо Тасевски, првпат го сретнаа и збунето застанаа пред него.

На тренингот присуствуваа деца родени 2008 година и помали. Дојдени се да ги учат ракометните вештини со тренерот Билјана Пецевска, но Ракометната академија Вардар одлучи да ги изненади со гостин тренер. Царчев тренингот го почна со објаснување и демонстрирање на некои основни ракометни движења и шутови. Со Пецевска трпеливо им ги покажуваа точните движења, а во втората половина од тренингот се опуштија со натпревар, каде децата ги користеа движењата и финтите кои ги учеа. Дека тренерот треба да има соколово око, Царчев потврди препознавајќи ги меѓу децата оние кои имаат потенцијал да ја чуваат мрежата.

"Одлична дружба, а и на децата им се допадна тренингот. Сите се вклучија на часот, внимаваа што им објаснував и се трудеа да ја сработат вежбата. Особено им се допадна вториот дел од часот, кога играа натпревар. Но, најважното е што децата се вклучуваат во спорт. Помалку време ќе поминат пред мобилните апарати, а спортот носи бројни бенефити за детскиот развој, особено групниот спорт – подобра моторика, создавање на нови другарства, учат што е тимски дух и тимска работа. На крајот од часот се договоривме дека во иднина повторно ќе се дружиме", вели Царчев.

Повеќе фотографии од тренингот.

Во школата во ОУ „Владо Тасевски" запишуваме деца родени 2008 година и помали. Децата кои тренираат ќе се вклучат во редовни натпревари што се организираат со Вардар Јуниор лигата, а со месечната членарина добиваат и опрема од еден од најпознатите производители на спорстка опрема, особено за потреите на ракометот – Hummel. И тоа дрес за натпревар, маица за тренинзи, маица со дизајн, чорапи и торбица. Како и попуст од 30% во Вардар Фаншопот, бесплатен влез на натпревари од СЕХА лигата и од домашното првенство и купот. Ова е втора школа на Ракометната академија Вардар во Скопје, која соработува и со повеќе регионални единици во главниот град чии деца се вклучени во Вардар Јуниор лигата.

четврток, 7 ноември 2019 - 10:58