Кузмановски: И годинава во Јуниор лигата ќе играме за медал

Оние кои ја почувствувале магијата на успехот во нашата единствена Вардар Јуниор лига, со нетрпение го чекаат почетокот на новата сезона натпревари. Тренинзите ги почнаа уште во август, и речиси секојдневно се подготвуваат да покажат колку се добри. А, нам, во Ракометната академија Вардар нѐ преплавува огромно задоволство и среќа дека сме успеале да исполниме нечии спортски сништа, и дека имаат доверба во нас повторно да се дружиме и да ги наградуваме најдобрите.

Новата сезона наскоро почнува, а заедно со тренерот Драган Кузмановски од Кале Вардар ќе се потсетиме како си поминаа минатата година и кого можеме да очекуваме годинава во салите во СЦ „Јане Сандански" и во СЦ „Кале".

„Играме со екипа 2004/2005 во женска категорија, додека во машката категорија 2002/03 во тимот ќе има неколку момчиња родени 2004/05, како и девојчиња 2002/03 кои и минатите години настапуваа во лигата со постарата категорија. Голманот Драгана Маркоска која и лани беше наградена за најдобар голман, како и Софија Крстеска која претходната година беше прогласена за најдобар играч, сакаа да играат и годинава, и им дозволија да се вклучат во машката екипа. Драгана многу ќе ни се најде зашто голманот Давид Стојкоски, кој беше прогласен за најдобар голман, сега е во селекцијата кај Андријана Будимир. Имаме и екипа 2006/07 во женска категорија", вели Кузмановски.

Екипите на Кале Вардар лани од Скопје заминаа со медали, и тоа по финалето на Вардар Јуниор лигата момчињата освоија трето место во категоријата 2002/03, а на зимскиот турнир лани во јануари девојките се закитија со злато во категорија 2004/05. Не изненадува што тренерот Драган Кузмановски најавува дека и годинава ќе играат за медали.

„ Екипата во 2006/07 година е добра и планираме да им обратиме повеќе внимание зашто првпат ќе играат на цел терен,и мислам дека во таа генерација ќе гледаме многу добар ракомет. Со останатите две екипи ќе играме за медал. Екипите се искусни, заедно играат повеќе години, и многу напреднаа. Малку повеќе внимание сега посветуваме на одбраната. Важно е со нив да се има многу трпение, да им се даде можност да напредуваат, зашто тоа се деца во развој. На пример, еден дава максимум еден месец, потоа еден месец не е во форма, но потоа пак ќе се разбуди. Треба да им се даде шанса да си го најдат ритамот. Имавме и ние организирано меѓународен турнир, на којшто учествуваше и пионерската селекција 2004/05 на Вардар предводена од Анжела Платон. Нашите девојките, како и сите учесници, па и машките екипи покажаа дека веќе играат квалитетен ракомет", вели Кузмановски.

И сезонава на тренерското столче ќе ги видиме тренерите Ѓоко Маркоски, кој ќе ја води екипата девојчиња во категоријата 2006/07, тренерот Анастасија Стефановска со девојките во категоријата 2004/05, а Кузмановски ќе ги води момчињата во категоријата 2002/03.

среда, 18 октомври 2017 - 13:30