Јуниор лигата заврши, но дружбата продолжува

Уште една успешна и незаборавна сезона од Вардар Јуниор лигата останува зад нас. Во текот на годината растеше и бројот на деца кои беа дел од лигата. Околу 700 момчиња и девојчиња беа дел од натпреварите, додека бројот на деца кои под закрила на Ракометната академија Вардар во текот на сезонава одбраа да тренираат ракомет достигна до 1900. Со тоа, во новата сезона од лигата може да очекуваме нови млади ентузијасти кои сакаат да научат да играат ракомет преку натпревари, но нас нѐ интересираше и што прават оние за кои сезоната заврши почетокот на месецов.

Дали и по завршувањето на натпреварите продолжија со напорните тренизни и дружбите во салите, ја прашавме Теодора Стаменкова од Бисинов Вардар од Велес која сезонава се натпреваруваше со екипата на Урдаревски Вардар од Скопје, во најстарата генерација 2000/01 во женска категорија.

„Продолживме да тренираме, а ќе продолжиме и во текот на летото. Одржуваме кондициони тренинзи, се собираме и трчаме на стадион. Планирам да се запишам и на летен камп за ракомет и во текот на целото лето ќе тренирам", вели Теодора.

Таа е родена 2003 година и од следната сезона планира да се натпреварува во машката категорија. Ракомет почнала да тренира пред две години.

„Изминатите две сезони се натпреварував во постарата генерација, односно бев дел од тимот на Урдаревски Вардар, заедно со Анџела Зарковска, но за таа екипа учеството во лигата заврши зашто се 2000/2001 година и таа генерација вгодина нема да може да учествува во лигата. Јас планирам пак да се натпреварувам, но во машка конкуренција со моите врсници од Бисинов Вардар. Инаку ракомет тренирам две години, претходно тренирав одбојка. Мајка ми, која е дел од тренерскиот тим од Бисинов Вардар, ме насочи да се префрлам на ракомет зашто сум левучар и висока сум. Кога почнавме со натпреварите го засакав ракометот и ми стана и поубав и поинтересен", вели Теодора.

Со девојките од Урдаревски Вардар, Теодора вели дека дружбите продолжуваат.

„Преку лигата се запознав со девојките од Урдаревски Вардар. Во лигата добивме шанса да играме натпревари кои беа организирани на професионално ниво, и со лиценцирани судии, и добивме претстава како изгледа да се биде ракометар. А, истовремено се дружевме и се запознавме со нови деца. Со мојата екипа на почетокот ни беше тешко да се усогласиме зашто не трениравме заедно, но после неколку натпревари почнавме да играме подобро", вели таа.

Брат ѝ Томислав Стаменков исто така се натпреварува со постара категорија, роден е 2006 година, а во лигата беше дел од екипата во генерацијата 2004/05.

"Со брат ми си даваме целосна поддршка, навиваме еден за друг на натпревари. Но, и мајка ми ни е силна потпора, која водеше екипи од Бисинов Вардар. Особено пред натпревари ми дава совети на што да внимавам, а потоа и каде сум згрешила, и како да се подобрам", вели Теодора.

За Анџела Зарковска, крајот на сезоната значеше и дека од следната година веќе нема да се натпреварува во лигата, но таа вели дека ќе продолжи да се натпреварува во други лиги. Нѐ радува што во периодот од две години во лигата ракометот завзема важно место во нејзиниот живот.

„Во лигата се вклучив зашто сакав да напредувам и планирам да продолжам да играм. Ќе има и малку одмор летово но од септември се враќам во сала", вели Анџела.

вторник, 30 мај 2017 - 11:16