И на празник и на делник се мисли само на Вардар Јуниор лигата

Најстарата генерација ракометари од Вардар Јуниор лигата в недела ќе го играат фајналфор турнирот од оваа сезона од лигата. Најдобрите четири екипи се Филип Вардар, Гостивар Вардар, Општина Кисела Вода Вардар и Урдаревски Вардар, а предизвикот да се биде најдобар е голем, и изминатите неколку недели секоја екипа се подготвува и работи да ги подобри оние делови во играта коишто со тренерите ги детектирале како послаби. 

Тимовите многу посветуваат и на подготовки децата да го издржат притисокот дека играат против најдобрите во генерацијата, како и на подготовки на стратегии и на тактики кои треба да ги донесат до финалето, а потоа и до шампионската титула.

Притисокот е уште поголем кај минатогодишните шампиони Урдаревски Вардар да ја одбранат титулата и во втората сезона од лигата.

Стефан Стефковски, Алекс Јачовски, Оливер Јовчевски и Ален Факиќ се дел од тимот на Урдаревски Вардар од генерацијата 2000/2001, кои изминатава недела секој ден имаат двочасовни тренинзи, а не одмарале и на неработните велигденски празници. Екипата се подготвува за полуфиналето со прворангираниот во нивната категорија Филип Вардар од Прилеп, кој во досегашните натпревари бил подобар од нив.

За Стефан Стефковски секојдневните тренинзи им помагаат да бидат максимално подготвени за претстојните натпревари.

Стефан Стефковски

„Ракомет тренирам 5 години, го сакам овој спорт, но откако последниве две години се вклучив во Вардар Јуниор лигата забележав и голем напредок во играта и можност сѐ што тренирам да применам на терен. Натпреварите, а и освојувањето на првото место во нашата категорија минатата сезона, придонесоа уште повеќе да го засакам ракометот. Со тренерите Никола Димовски и со Александар Димовски многу тренираме. Не само сега за Ф4, туку во текот на целата сезона многу работат со нас за да имаме колку што може подобри резултати. Неделава тренираме нонстоп за да бидеме максимално подготвени, и психички се подготвуваме за да може да ги совладаме противниците. Во полуфиналето играме со Филип Вардар, кои досега беа поподготвени од нас ", вели левиот бек Стефан, чиј идол е Тимур Дибиров.

Индивидуални тренинзи се организираат и за голманите на екипата. Голманот Алекс Јачевски, ракомет тренира две години, а вели дека незвисно од тоа кој групен спорт го игра секогаш се чуствувал удобно на голманската позиција. Негов идол е Арпад Штербик.

Алекс Јачевски

„Последниот тренинг што го имавме беше голмански, односно, шутерски, а имаме и индивидуални тренинзи. Секојдневно имаме двочасовни тренинзи, а викендов имавме и кондиционен тренинг на кеј. На секој тренинг учиме нешто, и се трудиме да дадеме максимум од себе. Имам целосна доверба во мојот тим, како семејство сме – еден за сите и сите за еден. Противникот ни е познат, тие се силна екипа и имаат голем тим со многу резервни играчи. Ако се измори првиот тим имаат замена и тоа за нас е најголемиот предизвик, зашто сме помала екипа. Филип Вардар имаат и повисоки играчи, ама се подготвуваме со тактики да се справиме и со таа ситуација. Сепак, играме во една од најдобрите сали на Балканот за ракомет и ќе дадеме сѐ од себе да бидеме пак најдобри", вели Алекс.

Во текот на сезоната Оливер Јовчевски вели дека се дружеле и запознале деца од други градови кои го сакаат ракометот. Првиот натпревар го играле во Кичево, а патувањето до таму било забавно и интересно. Оливер ракомет тренира речиси 5 години, а се снаоѓа на повеќе позиции на теренот – лев и десен бек, а понекогаш и среден бек.

Оливер Јовчевски

„Мене на натпревар многу ме мотивира публиката и навивањето, извиците од нашата клупа, и во недела ќе имаме поддршка од трибините. Вообичаено на натпреварите доаѓаат моите родители, а понекогаш и другари. Лани бевме на првото место во лигата и сакаме и годинава да ја одбраниме титулата. Тоа е битно за целата екипа, иако лани имавме појака екипа, но четири момчиња од екипата лани поминаа во селекциите на Вардар и тоа влијаеше на нашите резултати во оваа сезона. Но сега сме поорганизирани, имаме напорни тренизи, а за Велигден одмаравме само од сабота до понеделник. Живеам блиску до сите деца од екипата и се дружиме многу и после натпреварите, а понекогаш после победа одиме и да прославиме заедно. Нѐ мотивира победата, и целта ние да стигнеме до финале. Не можам да кажам каков противник ќе биде Филип Вардар зашто не се знае како ќе одигра, а ние ќе дадеме сѐ од себе", вели Оливер, чиј идол е Тимур Дибиров.

Според Ален Фаќик ниту една екипа која стигнала до Ф4 не треба да се потцени, и иако Филип Вардар е силна екипа, шанса да се освои титулата имаат сите, независно од исходите во претходните меѓусебни дуели. Ален игра на позицијата пикер и соодветно идол му е нашиот пикер Стојанче Стоилов.

Ален Фаќик

„Имаме пред нас цел – како екипа да го освоиме првото место, а поединечно секој од мојата екипа се надева дека ќе успееме да станеме дел од екипите на Вардар. Имаме желба годинава да ја одбраниме минатогодишната титула. Лани имавме многу интересна сезона во лигата, но и годинава беше забавно со нови екипи и нови предизвици. Ни недостигаат четворицата играчи кои сега се во селекциите на Вардар, но во тимот сме како семејство и заеднички ќе дадеме максимум. Работиме тактика, физички сме подготвени, и понекогаш висината на играчите не мора да влијае на резултатот. Имаме одлични тренери кои многу работат со нас", вели Ален кој ракомет тренира скоро три години.

За оваа генерација момчиња, ова е последната сезона во нашата лига, и затоа повеќето момчиња размислуваат да најдат клубови во кои ќе продолжат да играат ракомет. Им посакуваме сѐ најдобро и интересни натпревари в недела на Ф4 турнирот.

петок, 21 април 2017 - 12:06