„Еден за сите, сите за еден“ - тимскиот дух е важен во Вардар јуниор лигата

Тимскиот дух во групните спортови има клучна улога во играта и резултатите на екипата, а тренерот кој работи со деца секогаш наоѓа начин како да помогне во тимот поврзаноста да се изгради. И на натпреварите од Вардар Јуниор лигата се забележува кога постои флуид во екипата, кога децата добро се познаваат и се веќе воиграни да играат како еден. Нашите млади ракометари велат дека ваквите дружби многу им помагаат зашто не секогаш се во можност да се дружат со екипата и надвор од салата.

За младите ракометарки Ива Стојчевска и Ања Забазновски од екипата на Општина Кисела Вода Вардар, а се натпреваруваат во генерацијата 2006/07, исчекор напред кон градење на тимскиот дух бил еднодневниот излет на хокеарско игралиште, заедно со тренерот Кристијан Грчевски. Ања на последниот зимски турнир „Еден живот, една љубов" беше наградена и како најдобар десен бек во нејзината генерација во женска конкуренција.

Ива Стојчевска во првиот дел од сезоната ја гледавме во жолтиот голмански дрес, кој во пролетниот дел го замени со ракометарски дрес.

„Ракомет тренирам три години, и го одбрав зашто ми беше омилен спорт. Лани играв и на натпреварите во мини ракомет, но бев играч. Сезонава за првпат се одлучив да бидам голман, и откако се запознав и со динамиката на таа позиција, одлучив дека поубаво ми е како играч. По потреба уште го менувам голманот, но најчесто сум на позицијата бек, понекогаш среден или лев или десен, но важно е дека многу ми е поинтересно. Среден бек е и мојот омилен ракометар Лука Циндриќ", вели Ива и дополнува: „Имаме убава поддршка со девојките од екипата. Зимава за првпат имавме и можност да се дружиме заедно надвор од салата, зашто живееме малку подалеку една од друга и порано не успевавме да се сретнеме во слободно време. Заедно со тренерот Грчевски бевме на еднодневно дружење со хокеј. Иако имаше многу турканици, си поминавме супер. Тренерот ни одржа мини час како да ја држиме палката, како да се движиме на лизгалките. На почетокот се држевме за оградите, потоа се држевме за раце. Си дадовме поддршка пред да почнеме сами да лизгаме. Ова многу ни помогна да се здружиме малку повеќе. Веќе планираме и летово заедно со тренерот да одиме на ракометен камп во Грција", вели таа.

Ања Забазновски беше дел од идеалната седумка што ја изгласаа тренерите, кои водеа тимови на последниот зимски турнир. Таа е најдобриот десен бек во генерацијата 2006/07 на зисмкиот турнир, а ракомет тренира од четврто одделение.

"Ракометот отсекогаш ми беше интересен спорт и затоа го одбрав. Многу сум горда што годините тренинг вродија со резултат на зимскиот турнир. Кога ме прогласија за најдобар десен бек бев и многу среќна и многу горда на себе, зашто чувството да бидеш меѓу најдобрите е многу убаво. Од претходните години ги имам дипломата и медалот за учество во мини ракомет натпреварите во лигата, кои на сите нас нѝ беа мотивација да продолжиме со тренизни, но сега имам и мотивација да се трудам повеќе", вели Ања и дополнува: „Во групните спортови успехот е поддржан и од останатите играчи во тимот, и мислам дека со екипата имаме убава дружба и тимски дух. Во неговото градење многу ни помогна и еднодневното дружење со хокејот. Немаме многу можности да се дружиме, и идејата на тренерот да се најдеме на лизгалиште беше одлична, зашто преку вакви собирања ја јакнеме дружбата во тимот. За мене сите успешни ракометарки се инспирација, немам идол, а она што посебно ми се допаѓа е дека успешните играат како еден.", дополнува Ања.

Екипата на Општина Кисела Вода Вардар двапати неделно одржува тренинзи во салата на ОУ „Круме Кепески".

четврток, 22 март 2018 - 13:14