Платон: Пред екипниот резултат најважно е да се откријат и создадат квалитетни играчи

Тренерот на младинските категории во Вардар, Анжела Платон, во јавноста е препознатлива како поранешна репрезентативка на Македонија, и европска шампионка во деновите кога настапуваше за европскиот првак од 2002 година, Кометал Ѓорче Петров. Платон сега работи со 28 девојки на возраст од 16 до 19 години, а кои настапуваат во кадетската и во младинската лига организирани од РФМ.

Со неа разговараме што очекува од девојките кои ги тренира, како и за развојот на младите ракометари преку активностите на Ракометната академија Вардар и на нејзиниот проект Вардар Јуниор лигата.

* По успешната играчка и репрезентативна кариера одлучивте да бидете тренер и почнавте со најмладите. Колку е тешко да им се пренесе искуството и знаењето?

Уште на почетокот кога влегов во тренерските „води", па сѐ до денес, ме носи единствена мисла дека добар играч, со богата кариера како мојата, треба многу повеќе да се вложи себеси од другата страна, односно како тренер. Искуството од многубројните натпревари, ми помага добро да ја разберам психологијата на играчот, кој пред сѐ се подготвува индивидуално, а потоа го наоѓа своето место во екипата. Од секунда во секунда, на теренот, тој самостојно треба да предвидува кога треба да биде индивидуалец , а кога дел од екипата.
Имајќи предвид дека јас работам со младински категории, каде пред екипниот резултат најважно е да се откријат и создадат квалитетни играчи, сметам дека тренерската работа е повеќе од тешка и одговорна. Јас и моите колеги сега создаваме нови играчи кои треба да бидат дел од екипите во Македонија, кои ќе играат во Супер лига, ќе не претставуваат достоинствено во клубските европски лиги, како и во репрезентативната селекција, што е гордост во секој спорт.
Од тој аспект, работата е комплексна и бара многу енергија, како и посветување на секој играч кој го водам низ тренинзите и натпреварите.

* Вардар е единствениот клуб во Македонија што има две екипи во младинските категории во системот на РФМ. Вие сте тренер на Вардар СЦЈС. Колку сте задоволна од досегашните резултати?

Да, Ракометна академија Вардар направи вистинска мала револуција во пристапот кон младите, и притоа со многу филтри, од сите вардарови школи низ Македонија на крајот на секоја сезона прави селекција и дополнување на младинските селекции. Се бараат играчите кои заслужуваат, покажуваат и допринесуваат за позитивна афирмација на вардаровиот ракомет. Секако дека овој принцип на работа, поставен од највисоките структури на вардаровата школа, која исто така е составена од врвни домашни и интернационални имиња на ракометниот спорт, придонесува секој млад играч да даде сѐ од себе, зашто никому не е загарантирано местото во селекцијата, доколку не покаже сериозен напредок на личен план и во текот на годината не биде барем за неколку нијанси подобар од претходната сезона.
Од тој аспект и одговорот на ова прашање може да го дадам со одредена резервираност, пред сѐ познавајќи ја и македонската јавност за која нема тајни во ракометот, но јас не секогаш сум задоволна кога победуваме. Односно, барам од екипата 60 минути на терен да даде максимум и кон поставената стратегија да внесе повеќе игра од „ срце и ум". На девојките постојано им укажувам дека не ме интересира само победа, туку и совладување на позициите на кои играат, како и екипниот впечаток.

* Колку, сега посветеноста на децата кон ракометот е сменета со оглед на тоа дека имаат услови за тренирање речиси како и првата екипа?

Секако дека условите кои ги имаат овие генерации, се вистински научно-фантастичен филм, во однос на состојбите и условите кои ги имале претходните генерации. Но, резултат секогаш дава посветеноста и упорноста, а не новите тренерки и патики.

* Вардар се почесто ги испраќа своите екипи на турнири во странство. Влијае ли тоа на развојот на ракометарките и како?

Натпреварувањата се клучниот момент во развојот на секој играч. Сите како млади, пред да почнеме да тренираме некој спорт, сметаме дека сѐ што треба е да излеземе на терен и да победуваме, па сите да не сакаат итн итн. Реалноста е многу поинаква и не така светла, доколку секојдневно не работиме на себеси. Натпреварите го надградуваат тренингот и придонесуваат креативно да се надгради играчот. Конкретно во македонското првенство, во младинска и кадетска категорија, а во кои играме, има шест екипи, па ние во есенскиот и пролетниот дел вкупно имаме 10 натпревари, што е многу малку. Поради тоа и турнирите, како и учеството на поголем број од нив, се и повеќе од потребни. Во комуникации со тренери од поранешни Ју-држави, знаеме дека нивните екипи учествуваат на пет до шест интернационални турнири, од друга страна и во овие држави домашните лиги се поголеми од екипен аспект, што исто значи поголем број на утакмици.

* Од обемниот проект на Вардар преку Ракометната академија се очекуваат резултати. Кога може и би требало да ги видиме благодетите од овие вложувања?

Разултатите се видливи и препознатливи, и ние имаме неколку млади играчи во составите на првите екипи, како и во вторите екипи. Сепак преку ноќ не смее да очекуваме и да се надеваме на чуда. Мора да се работи напорно, посветено, чекор по чекор. Тоа е стратегија, исто како екипата која со тренерот ја освојуваат секоја педа од салата, на натпревар, од секунда во секунда - до 60-та минута.

* Тренер си и во Вардар Јуниор лигата преку екипата Ново Лисиче Вардар. Колку е зголемен интересот на децата за тренирање?

Секако дека Вардар како бренд е во срцата на секој скопјанец, и веројатно и во срцата на секој Македонец. Со самиот успех на машката и женска екипа во европската лига на шампиони, не само што се зголемува интересот за вардаровите школи, туку и воопшто за секој подмладок и ракометна екипа низ целата државава. Вардар Јуниор лигата е првиот исчекор на најмладите почетници во секоја вардарова ракометна школа и има за цел, низ натпреварите, младите да ја учат играта и пристапот кон неа како фер плеј и забава.
Понекогаш родителите тоа тешко можат да го разберат, но нас ни е битно од секоја генерација да извадиме барем еден добар играч со кој утре сите ќе се гордееме, отколку да се гордееме со разни дипломи за освоени први места закачени по ѕидовите на разни канцеларии и спортски сали.

* Има ли во Македонија талентирани деца за ракомет?

Има! Тоа е одговорноста која и ние како генерација на тренери во млади категории ја носиме секојдневно.

* Дел си од златната генерација на Кометал Ѓорче Петров што беше европски првак и од најуспешните времиња на репрезентацијата на Македонија. Што е сменето од тогаш до сега во однос на сфаќањето за ракометот?

Голема е разликата. Се сеќавам и јас кога почнував да играм, во СССР лигата, повозрасните играчи ни завидуваа на нас помладите и во однос на финансиските награди и во однос на услови итн. Ракометот како и се останато кое го носи модерното време, се модернизира во однос на сѐ, тактиката, правилата, брзината, комерцијалноста и финансискиот импакт кај сите чинители во спортот.
Но, јас пак ќе повторам, само 100 насто посветеност носи резултати, така било и од почетокот на ракометот, така е и ден-денес. Таа посветеност е потребна кај сите чинители, од најосновните, ракометни или други спортски школи, сѐ до федерациите на државно ниво.

 

среда, 8 март 2017 - 11:21