Кастратовиќ: Влезот во селекција на Вардар значи и секојдневно докажување

Со своето искуство како играч и тренер, Индира Кастратовиќ има што да им пренесе на сите што сакаат да се занимаваат со ракомет, тоа да биде нивната спортска пасија и шанса за напредување во животот. Како координатор на сите женски младински селекции во Вардар, сега Индира има увид во развојот на сите категории, и истовремено можност да учествува и во донесувањето на стратегијата и нејзиното остварување за што поквалитетни девојки да бидат вклучени во младинските екипи на Вардар, и потоа низ тренажниот процес да напредуваат сѐ до сениорскиот тим.

Вардар е еден од ретките тимови што има селекции во сите младински категории, и што има своја сопствена лига од каде, од речиси 2.000 деца, се избира најдоброто. Секоја година се намалува старосната категорија на деца што се приклучуваат во младинските селекции сакајќи што побрзо истите да бидат вклучени во системот на тренирање.

За прв пат на натпреварите од младинското државно првенство Вардар се појавува со екипа составена од девојчиња на возраст од 12 до 13 години. Како ги селектиравте девојчињата за пионерската селекција?

Годинава почнавме со еден нов проект со децата родени во 2004/05 година за да видиме како ќе функционира. Тоа се деца кои сѐ уште се во основно училиште, и затоа одбравме деца само од Скопје. Значи тоа не се децата од цела Македонија кои се членови во нашата Академија, бидејќи на оваа возраст не можат да се преселат во Скопје. Уште се млади за сами да престојуваат тука, нормално, родителите не ги пуштаат, а и ние како клуб немаме право тука да ги запишеме во основно училиште. Но, има многу добри деца и надвор од Скопје. Затоа во оваа генерација не земавме многу деца, доволно да видиме како на оваа возраст ќе се привикнат на системот што го применуваме како клуб. Планираме следните сезони да продолжиме со селекција за оваа старосна категорија, а ќе се следи и како напредуваат децата кои веќе сме ги селектирале.
Ние потешко разбираме дека спортот е суров. Ако влезеш во селекција, тоа не значи дека ќе останеш тука, туку секој ден е докажување. А и децата кои не се сега тука, кои се надвор од Скопје, но и оние во Скопје, ако се докажат со својата работа и преку натпреварите во Вардар Јуниор лигата секогаш можат да влезат во некоја селекција.

Развојот на младинските селекции го обезбедуваме и преку учество на турнири во странство. Дали оваа генерација ќе учествува на турнири?

Секако, но, планираме кога ќе одиме на турнири со оваа генерација, да ги поканиме и децата кои се квалитетни од цела Македонија. Ние веќе ги знаеме тие деца, тие се дел од нашата Академија, и ги забележавме како таленти на натпреварите од Јуниор лигата.

Во Вардар Јуниор лигата и сезонава продолжувате да ги следите талентите кои можат да станат дел од Вардар. На кои генерации ќе бидете фокусирани?

Апсолутно продолжуваме да го следиме развојот на децата од сите генерации во Вардар Јуниор лигата. Но, акцентот ќе биде на децата од 2004/05 затоа што тие ќе треба да играат во пионерската лига и треба да израснат во спортисти. Нормално ќе почнеме да ги следиме и децата од 2006/07 година. Ќе ги пратиме до каде стигнале со развојот, како и во која школа има добри деца, и кога ќе забележиме поталентирано дете ќе им посочиме и на тренерите дека ќе треба повеќе да се работи со него.

Во однос на останатите младински категории, на што ќе посветите повеќе внимание за нивен развој?

На пример кај децата од 2004/05 година, имаме девојчиња кои беа лидери во сопствените тимови, и сите во тимовите се потпирале на нив. Сега со нив треба да се работи да се создаде тимски дух и да се вклопат да функционираат како дел од една целина, колектив. Се трудиме да им објасниме дека не треба секогаш да се победува туку треба да се развие тимот. Во генерацијата 2002/03 имаме навистина квалитетни играчи, но сега се во 'најлудите' години кога треба да им се посвети повеќе внимание, уште повеќе да се работи со нив, и да имаат колку што е можно повеќе натпревари. Пред некој ден им организиравме и натпревари со клубот Бек од Подгорица, и се трудиме да имаат натпревари со странски клубови за да видиме и ние до кое ниво сме стигнале. Да ги видиме грешките и да се работи на нив. Секој ден се учи нешто и се оди напред.

Дел од девојките од младинската селекција сезонава добија можност да напредуваат во вториот тим Вардар Јуниор? Како ги селектиравте девојките за да влезат во тимот, според техниката или можеби висината?

За да играат натпревари со вториот тим на Вардар, тие веќе мора да имаат техника на високо ниво, а нормално сакаме и високи деца, но во Македонија немаме толку високи деца. Во втората екипа е потешко, зашто многу повеќе се работи, тренинзите се понапорни, а и натпреварите се потешки, но гледам дека од ден на ден девојките се вклопуваат и стануваат како тим.

петок, 6 октомври 2017 - 11:17