Илина: Покана од клуб како Вардар не се одбива

Да се игра во екипа која три години е во Топ-3 во Европа, постојан член на Ф4 турнирот во лигата на шампионите е предизвик за секој играч. Оние помладите веројатно би дале се да имаат шанса да играат на натпревари и ниво на какво игра Вардар. За Белоруската репрезентативка Дијана Илина покана да биде член на нашиот клуб и исполни многу желби. Сега на нејзе останува да ја оправда довербата и да покаже дека не сме згрешиле во изборот.

Таа треба да остане во нашиот тим во следните три сезони, и ќе биде петтата нова ракометарка во нашите редови. Илина има 20 години и е репрезентативка на Белорусија од својата 17 година. Доаѓа од екипата на првакот на таа земја Гомељ и сезоната ја заврши со титула во Белорусија и во Балтичката регионална лига. Има интернационална кариера со тимот на Астраханочка во Русија, каде настапуваше во есенскиот дел од ланската сезона. Потоа се врати во Гомељ.

Во сезоната 2014/2015 за Астраханочка даде и 13 гол во ЕХФ купот. Тогаш го освои и третото место во првенството на Русија. Две сезони, од 2012 до 2014 играше во Гомељ, Белорусија по што следеше трансфер во Астраханочка. Од 2013 година настапува и за сениорската репрезентација на Белорусија.

*Доаѓаш во европски тим со големи амбиции. Веројатно ти се исполни голем сон?

„Многу малку знам за Вардар, освен само што гледам натпревари на клубот во лигата на шампионите. Вардар е навистина голем клуб со големи амбиции. Како и секој играч и мојот сон е да играм во лигата на шампионите и среќна сум дека ја добив оваа шанса. Ќе дадам се од себе, ова е навистина понуда што не се пропушта. Многу добра шанса за мене како млад играч да настапувам за екипа како Вардар и да имам вака силни натпревари. Добра шанса да го пробам и да го осетам овој квалитет на игра, вели Илина.

* Кратко време си во Скопје, бидејќи веднаш заминавте на подготовки во Словенија и на турнир. Какви се првите впечатоци, од екипата и условите, и како те примија девојките?

„Немав многу време за шетање, но од она малку време што имав ми се допаѓа и градот и салата и условите што ги имаме за тренирање. Се е на врвно ниво. Сите девојки одлично ме прифатија. Имам се уште мали проблеми околу јазичната бариера, но главните поенти ги разбирам и имам голема поддршка од колешките во тимот кои постојано ми помагаат. Засега не се оптоварувам со минутажата за играње.

* Кои се очекувањата од твојот престој во Вардар?

„Не можам да кажам за минутажа и колку би играла, но среќна сум што имам шанса да добијам пракса да играм со играчи какви што има Вардар. Верувам дека брзо ќе напредувам и ќе добијам и поголема доверба од тимот да играм повеќе и на повеќе натпревари.

* Играше за екипата на Астраханочка, а сезонава сме во иста група во лигата на шампионките. Каков е тој тим и што можеш да им пренесеш како информација на ракометарките на Вардар?

„Во Астраханочка играв 1,5 година. Среќна сум што токму тука почна и мојот подем во кариерата. Многу научив во овој тим. Имаат огромни амбиции и прекрасни млади ракометари. Има и навивачи кој ја подржуваат екипата. Сигурно ќе можам да помогнам да бидеме спремни за предизвикот што не очекува во лигата на шампионите на нашите натпревари, вели Илина.

 

петок, 26 август 2016 - 13:18