Хмирова, Кликовац и Лазовиќ остануваат верни на Вардар

Три ракометарки на Вардар на кои во јуни 2017 година им завршуваат договорите со клубот, ќе останат наши членови и во иднина.

Татјана Хмирова го продолжи договорот за дополнителни две сезони, исто како и Андреа Кликовац, а Барбара Лазовиќ ќе остана во Скопје уште најмалку една сезона.

Кликовац заедно со Ина Суслина се првите интернационалки што пристигнаа во Вардар уште во 2012 година, и се дел од сите успеси на екипата досега. Хмирова дојде во Вардар во 2013 година, а од 2014 на тимот му се приклучи и Барбара Лазовиќ.

Сите девојки беа дел од настапот на Вардар на Ф4 турнирите во лигата на шампионките каде „црвено-црните" ги освоија бронзените медали. Суслина и Кликовац освоија и четири шампионски титули во домашното првенство и три Купа, а Хмирова и Лазовиќ, освоија по три односно две двојни круни.

„Вардар го сочува тимот што сезонава е неприкосновен во Европа. Сметаме дека имаме добра комбинација на играчи кои имаат уште потенцијал во себе и можеме заедно да постигнеме уште повеќе. Сакаме да бидеме стабилен клуб кој ќе ги задржи сите што се вклопуваат во нашата стратешка цел – освојување на лигата на шампионите. Задоволни сме од нивните настапи, верувам во иднина ќе покажат уште подобри игри, вели Давор Стојаноски, извршниот директор на Вардар.

Вардар е на првото место во Група А во главната фаза од лигата на шампионките и на три кола до крај на регуларниот дел веќе обезбеди пласман во четвртфиналето. Имаме серија од осум победи по ред, и десет натпревари без пораз, што е нов клупски рекорд. Во следното коло од лигата на шампионките на 26 февруари играме дома со екипата на Будуќност.

четврток, 16 февруари 2017 - 14:36