Херем: Тренирам и играм со најдобрите. Што друго да посакам

Норвежанката Камила Херем со репрезентацијата на Норвешка имаа девет медали од ЕП, СП и Олимпијада. Има 192 настапи за репрезентацијата на Норвешка, и 513 голови. Настапувала и во лигата на шампионите, но го нема толку поскауваниот трофеј. Со трансферот во Вардар се надева дека ќе ја дополни ризницата на медали.

* Ти си првата Норвежанка што ќе игра во Македонија. Порано, нешто вакво неможеш да се замисли во женскиот ракомет?

„Времињата се менуваат и мислам дека е добро да се проба нешто друго во животот. Играв во Норвешка до 27 години, а потоа сакав да пробам нешто ново. Вардар е професионален клуб, и лигата на шампионите е многу важна за мене. Тука има многу добри ракометарки, и за мене е одлично. Тренирам со некои од најдобрите играчи во светот, играм против некои од нив на тренинг, и им шутирам на некои од најдобрите голмани во светот. Што друго можам да побарам?

* Што беше пресудно за трансферот во Вардар?

„Лигата на шампионите. Сакам да ја освојам. И сакам да тренирам добро и со најдобрите играчи. Салата е исто така одлична. Имаш се што ти треба на едно место. Никогаш досега не сум играла тука, но слушам дека луѓето што доаѓаат да ги гледат мечевите прават одлична атмосфера и многу бучава, и го подржуваат тимот. Го сакам тоа. Му дава на тимот многу енергија кога слушаш како луѓето навиваат за тимот.

* Веројатно некои од пријателите ве прашувале за вашата одлука да дојдете во Вардар. Сметаш ли дека направи добар избор и што очекуваш од твојот престој тука?

„Не ме прашуваа многу за доаѓањето бидејќи сите знаат колку добар тим е Вардар, и знаат кои се моите цели. Сметам дека изборот ми е добар, иако сум тука само една недела, сите девојки се добри, имам одличен тренер и се е на високо професионално ниво. Тоа е многу важно за мене.

* Сега веројатно имаш и подобра слика за тимот, градот, соиграчите, тренинг центарот и условите за живеење. Дали е тоа што го очекуваше?

„Многу работи се како што ги очекував, но за една работа не бев подготвена, за сообраќајниот метеж. Секогаш има многу возила на улиците, и градот е голем. Многупати додека се возев се загубив, и фала му на Бога што живеам во иста зграда со Хмирова и Суслина, и тие многу ми помагаат.

* Одигравте два натпревари против твоите сонароднички од Ларвик. Првите впечатоци се дека Вардар е навистина силен оваа сезона.

„Беше забавно да се игра против Ларвик. Ги познавам многу добро. Немав триумф против нив од Купот во 2007 година, а сега два меча по ред, тоа беше навистина специјално за мене. Иако станува збор за пријателски натпревари. Знам дека имаме силем тим, многу добри ракометарки што ги респектирам. Задоволна сум што во септември ќе тренираме заедно, што ќе не направи уште посилни.

* Дојде во Скопје како големо засилување за Вардар, а на твојата позиција игра и Тамара Мавсар. Изгледа конкуренцијата ќе биде силна?

„Секој добар тим има повеќе добри играчи, па тоа не треба да биде различно ниту со мојата позиција. Ги респектрам сите играчи во тимот. Мислам дека Тамара е добар играч, исто како и другите девојки во екипата. Најважно е да бидеме добри соиграчи на позицијата лево крило, да си помагаме во тренирањето и да разговараме меѓусебе ако гледаме дека на некој начин можеме да си помогнеме. Сите имаме иста заедничка цел.

* Вардар играше трипати на Ф4 во Будимпешта. Сега тоа повеќе не е предизвик, и сите сакаат нешто плус, дури и титула. Дали си подготвена за таков притисок?

„Притисокот е нешто што може да те направи посилен ако ја користиш коректно енергијата. Мислам дека сите се навикнати на некој притисок, било тоа да е клуб или репрезентација. Се додека не го одвлекува вниманието од важните работи, сметам дека сите играат подобро со притисок.

* Коментар за групата од лигата на шампините.

„Тешка група, како и што треба да биде, но ние треба повеќе да мислиме на самите нас, а не за другите екипи. Ако играме добро, и даваме 100 отсто на секој меч и секоја секунда, ќе биде навистина тешко некој да не победи, без разлика кој е на другата страна од теренот. Имам многу доверба во тимот и тренерот, и се надевам ќе ја оствариме заедничката цел.

петок, 9 септември 2016 - 09:15